Црквата Свети Климент и Пантелејмон се наоѓа во месноста Плаошник во стариот дел на Охрид. Изградена е и осветена во 2002 година, а е наречена во чест на Свети Климент Охридски, кој првобитно го изградил храмот на ова место, и на Свети Пантелејмон, на кого првобитно била посветена. Оваа црква претставува реплика на постарата црква Свети Пантелејмон од 863 година, изградена над темелите на голема петобродна ранохристијанска базилика. По смртта на Свети Климент во 916 година, тој бил погребан во подот на црквата во гробница која самиот ја подготвил. Постарите обновувања на црквата продолжиле до 15 век, кога таа била урната од Отоманските Турци и на нејзиниот темел била изградена Имарет-џамија. Археолошкиот реон Плаошник е богат со наоди, а првите ископувања во 1943 година потврдиле дека на тоа место постои Климентова црква и гробницата на Свети Климент Охридски.
Над темелите на ранохристијанската базилика биле изградени цркви со триконхална форма, обновувани во XII и XIII век, со доградување на капели и надворешна припрата со камбанарија во XIV век. Сочуваните фрагменти на фрески припаѓаат на различни периоди на обновување и проширување на Климентовиот манастир. Обновувањето на црквата во 2002 година, според проект на архитектката Тања Паскали Бунташеска, било изведено со учество на околу 200 стручни лица и градители, со трошок од над 1 милион евра, главно од владини средства. Камен-темелникот бил поставен во 2000 година, а новата црква е изградена врз старите темели, инспирирана од хронолошки слични охридски цркви. Светиклиментовиот гроб во новиот храм е поставен на старата гробна конструкција, со саркофаг од мермер кој содржи ковчежето со моштите на Свети Климент. Во околните простории има икони и дрвени скулптури, а низ стаклени подови се гледаат остатоците од стариот храм. На северниот надворешен дел се зачувани белези од Имарет-џамијата, за да се одржи споменот на османлискиот период. Камбаната тежи три тона и е изработена во ливница во Верона, со излеани религиозни мотиви и податоци за ктиторите.Lorem ipsum dolor sit amet, consectetur adipiscing elit. Ut elit tellus, luctus nec ullamcorper mattis, pulvinar dapibus leo.